Ништо ново во Англија: Фијаско на Ливерпул во Премиер-лигата

Катастрофалните игри и резултати на Ливерпул во Премиер-лигата продолжија и на денешното гостување против Вулверхемптон, на кое тимот на Јирген Клоп загуби со убедливи 3-0. Пресудни беа очајните први десетина минути во кои најпрвин Матип си постигна автогол, а потоа Џо Гомез лошо интервенираше при вториот гол за „волците“ што го постигна Досон. Ливерпул заигра нешто подобро на стартот од второто полувреме, но не успеа да ја ублажи негативата, по што домаќините постигнаа и трет гол, преку Рубен Невес, одмаздувајќи им се на „црвените“ за елиминацијата од ФА Купот на Англија минатиот месец.

Манчестер Јунајтед забележа очекувана победа на домашен терен над Кристал Палас од 2-1. Бруно Фернандез го отвори резултатот од пенал, а во вториот дел Рашфорд зголеми на 2-0. Кашемиро доби директен црвен картон за што ќе следи суспензија од три натпревари, а Палас ја искористи предноста од играч повеќе за да го ублажи поразот преку Шлуп во 77. минута.

Астон Вила два пати водеше преку Воткинс со 1-0 и 2-1 против Лестер, но „лисиците“ со извонреден пресврт на крајот триумфираа со 2-4. Брајтон со голот на Митома во самиот финиш го совлада Борнмут со 1-0, додека Брентфорд полесно од очекувањата стигна до цел плен против Саутемптон (3-0).

Се вчитува...