Ништо од Азар во Реал Мадрид, Лопетеги ќе им даде лидерски улоги на Иско и на Асенсио

Европскиот првак Реал Мадрид нема намера да плати 200 милиони евра за белгискиот интернационалец Еден Азар. Тој е дамнешна желба на „кралскиот клуб“, меѓутоа отштетата што ја бара Челси за негова продажба е сепак преголема. Раководството на клубот и тренерот Хулен Лопетеги оцениле дека тоа е преголема сума и нема да инсистираат на негово доаѓање на „Сантијаго Бернабеу“, открива весникот „АС“.

Лопетеги има други планови, да им даде лидерски улоги во составот на Иско Аларкон и на Марко Асенсио. Шпанските репрезентативци имаа забележителни ролји и во селекцијата на „црвената фурија“ додека Лопетеги беше селектор, посебно Иско кој беше движечка сила во средниот ред, па се очекува истата слобода во играта да ја добие и во Реал Мадрид. Во периодот додека Зинедин Зидан беше на кормилото, Иско често беше и на клупата за резервни фудбалери. Се чини дека сега дојде неговото вистинско време, тој да биде еден од главните играчи и во „кралскиот клуб“.

Марко Асенсио е идната главна ѕвезда на Реал Мадрид. Според очекувањата, тој ќе ја добие „седумката“ на Кристијано Роналдо за претстојната сезона. Тоа е култен број во „кралскиот клуб“, со оглед дека во минатото го носеше и Раул Гонзалес. Асенсио исто така треба да добие многу поважна улога во составот под палката на Лопетеги.

Но, ова и не значи дека Реал Мадрид нема да доведе ниту едно засилување за навалната линија. Најблиску до ангажман е Единсон Кавани од ПСЖ, а се уште постојат реални шанси и Роберт Левандовски да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...