Ништо од изненадувањето: Работник потопен од Хановер

Ракометарите на Работник во петтиот натпревар од ЕХФ-купот го претрпеа својот четврти пораз, губејќи на домашен терен со убедливи 17-29 од екипата на Хановер. Битолчани се надеваа дека овој меч ќе биде реприза на пресметката со Нексе и нивнито премиерен триумф во групната фаза од ЕХФ-купот, но за жал средбата многу повеќе наликуваше на премиерната домашна пресметка и убедливиот пораз од Татабања.

Хановер уште од самиот почеток покажа дека нема да остави ништо на случајноста, наметнувајќи силно темпо што македонскиот тим не можеше да го издржи. Бундеслигашот набрзина поведе со 3-7, а ниту тајмаутот на Алушовски не промени ништо значително, бидејќи по минутата одмор гостите постигнаа уште два лесни погодоци. Крстевсски и Кузмановски беа прецизни за намалување на негативата на 5-9, но тоа беше се што Работник успеа да стори бидејќи Хановер повторно влезе во моќна серија, па веќе во првото полувреме стигна и до двоцифрена предност од 5-15.

На одмор се замина со водство на гостите од 8-15, за потоа Хановер рутински да го контролира резултатот во преостанатите 30 минути од натпреварот. Очајната игра во нападот продолжи и во второто полувреме, па убедливиот пораз беше неизбежен, овојпат изразен со конечни дванаесет гола разлика.

Македонскиот претставник својот настап во групната фаза на ЕХФ Купот ќе го заврши со гостување против екипата на Татабања.

Се вчитува...