Ништо од проширување на Лига 1 – Амиен и Тулуз се селат во Лига 2

Раководството на француската Лига 1 меѓу првите одлучи да го прекине фудбалскиот шампионат и да прогласи шампион и кој ќе испадне во понизок ранг. Уште на почетокот на мај беше потврдено дека фудбалската сезона во Франција е завршена во сите лиги. Што се однесува до Лига 1 Пари Сен Жермен беше прогласен за шампион, додека во Лига 2 се селат Амиен и Тулуз.

Меѓутоа, овие два клуба упатија жалба на одлуката барајќи следната сезона лигата да се прошири на 22 клуба како тие би го задржале статусот на прволигаши. Врховниот суд во Франција ја суспендираше одлуката околу испаѓањето, одлучувајќи тие да останат во Лига 1. Сепак, ЛФП денеска објави дека одлуката за испаѓање останува и дека Амиен и Тулуз следната година ќе настапуваат во Лига 2.

„Раководството на Лига 1 денеска одржа гласање на кое 74.49 отсто членови беа за да нема проширување на лигата, што значи дека следната сезона во елитата ќе настапуваат 20 клуба“, стои во соопштението на ЛФП. 

Оваа одлука веднаш стапува на сила што значи дека Амиен и Тулуз се второлигаши, додека на нивно место во Лига 1 влегуваат Лориен и Ленс.

Се вчитува...