Ништо од сензација: Пелистер убедливо поразен од Магдебург

Еурофарм Пелистер е на работ на елиминација од Лигата на Европа откако битолскиот клуб вечерва загуби во првиот осминафинален натпревар од Магдебург со убедливи 24-32. „Пелистерци“ на чело со тренерот Бабиќ најавуваа сензација во пресрет на овој меч, но наместо тоа им се случи дебакл, гостите од Германија доминираа од почеток до крај и сосема заслужено стигнаа до убедлива победа. Воедно, ова беше лоша увертира за битолчани во пресрет на големото дерби со Вардар што ќе се игра викендов во Скопје, меч што би можел да се покаже клучен во битката за титулата во домашното првенство.

Бабиќ го почна мечот со Кукуловски на лев бек оставајќи го Мандалиниќ на клупата. Ова придонесе нападот да не функционира, а гостите од Германија го искористија тоа и веќе во петтата минута поведоа со 0-3. Мараш го постигна првиот гол за Еурофарм Пелистер дури во седмата минута од мечот, за намалување на негативата на 1-4. Одличниот Грин му одбрани два зицери на Костески при резултат 2-4, а откако Магдебург поведе со 3-7 домашниот тренер беше принуден во 14. минута да го побара првиот тајмаут на натпреварот. Граџан во следниот напад промаши зицер, а Магдебург продолжи да ја полни мрежата на битолчани набрзина поведувајќи со 3-10 во 18. минута. „Пелистерци“ дојдоа на „минус пет“ и напад, но Мандалиниќ ја загуби топката, па на одмор се замина со голема негатива на македонскиот вицепрвак од 9-15.

Второто полувреме почна идентично како и првото, битолчани во првит пет минути не постигнаа гол, а противникот поведе со најубедливи 9-18. Одбраната исто така беше катастрофална, па Магдебург рутински го контролираше мечот, стигнувајќи до лесни ситуации да го совлада Чаневски. Бабиќ побара тајмаут на половина од полувремето при резултат 18-25, но ситуацијата на теренот не се промени, Германците повлекоа дел од клучните ракометари од теренот, но сепак знаеја како да го задржат убедливото водство се до конечните 24-32.

Мандалиниќ беше прв стрелец на Еурофарм Пелистер со шест погодоци (6/11), пет даде Граџан, а по трипати прецизни беа Периќ и Мараш, премалку за да може да биде изненаден тимот од најсилната лига во светот. Магнусон со десет и Дамгард со шест погодоци беа најефикасни во таборот на Магдебург.

Се вчитува...