Ниту МЗТ, ниту Работнички: Андреј Магдевски се пресели во Романија

Андреј Магдевски ги разреши дилемите околу иднината одбивајќи ги понудите на МЗТ Скопје и на Работнички, откако одличниот плејмејкер се реши за нов интернационален предизвик во кариерата. Романија ќе биде следната дестинација на Магдевски, откако одличниот плејмејкер ги договори условите за соработка со тимот на Плоешти.

Станува збор за екипа што летово обезбеди влез во елитното романско кошаркарско друштво, која го носи Магдевски за главен плејмејкер за наредната натпреварувачка сезона. Тој имаше одлични бројки во дресот на МЗТ, особено по доаѓањето на Радуловиќ, кој за разлика од претходниот тренер му даде целосна слобода во играта. Тоа придонесе Магдевски да блесне кога беше најважно и да го предводи МЗТ Скопје до шампионската титула, при што плејмејкерот беше избран и за МВП во финалната серија.

Ова е нов меѓународен предизвик во кариерата на Магдевски, кој како младинец замина во школата на големиот Реал Мадрид. Потоа тој кратко време настапуваше и за Партизан, по што се врати назад во мак-баскетот и настапуваше за Фени индустри и за Гостивар, за од 2018 година со успех да го носи дресот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...