Ноќта кога на „Сантијаго Бернабеу“ течеа солзи за Тони Крос

Реал Мадрид ремизираше вечерва со Бетис во последното коло од шпанската ЛА Лига, меч кој нема да остане запаметен по резултатот, туку по фактот дека на него за последен пат на „Сантијаго Бернабеу“ настапи Тони Крос.

Германецот со завршувањето на ЕВРО 2024 ќе му каже збогум на фудбалот, а „кралевите“ направија се што можеа за ова да биде ноќ за паметење за Крос и неговото семејство. Пред мечот тој доби шпалир од соиграчите кои излегоа на терен со исти дресови со бројот осум, додека навивачите истакнаа фантастична кореографија во чест на големиот ас.

Кога Крос го напушташе теренот пред крајот, со стоечки овации беше поздравен од сите присутни  на стадионот, се лееја солзи и на трибините и на клупата за резерви, каде семејството го чекаше Тони додека за последен пат ги поздравуваше навивачите кои му даваа поддршка од 2014 година, кога дојде во Мадрид од редовите на Баерн Минхен.

Резултатот воопшто не беше во преден план вечерва, ако се знае дека Реал од претходно ја имаше осигурано шампионската титула, пред екипите на Барселона, Џирона и Атлетико Мадрид.

Се вчитува...