Нов договор: Клоп останува во Ливерпул и по 2024 година!

Ливерпул го продолжува атакот на трофеи сезонава предводен од Јирген Клоп, а челниците на клубот се решени да го убедат Германецот да продолжи со својата авантура на „Енфилд“ и веќе ги стартувале преговорите за нов договор со одличниот стратег. Клоп има договор со Ливерпул до јуни 2024 година, од претходно најави дека потоа ќе земе година одмор од фудбалот, но сопствениците на англискиот гигант се решени да го разубедат германскиот стручњак од ваквата замисла.

Веќе се стартувани и преговорите за нов договор, кои биле интензивирани пред синоќешниот дуел со Вилјареал во Лигата на Шампионите. За овој натпревар од САД пристигнал првиот човек на клубот, Мајк Гордон, како и агентот на Клоп, Мајк Косицке.

Понудата на Ливерпул е јасна, зголемување на постоечката плата на трофејниот стратег, за договор најмалку до јуни 2026 година. Преговорите се очекува да трајат и во текот на летово, но „црвените“ се оптимисти дека ќе го убедат одличниот стратег на продолжување на соработката.

Јирген Клоп е кормилар на Ливерпул од октомври 2015 година, период во кој успеа да стигне до трофеи во Лигата на Шампионите, Премиер-лигата, клупскиот мундијал, Супер-купот на Европа и во Лига-купот на Англија.

Се вчитува...