Препукувањата меѓу вечните српски ривали Црвена Звезда и Партизан продолжуваат и во пресрет на завршницата од АБА-лигата, откако „црвено-белите“ повеќе од две седмици чекаат Партизан да ги заврши своите обврски и да обезбеди пласман во големото финале.
Црвена Звезда експресно ги мина своите пречки, но „црно-белите“ најпрвин играа мајсторка во четвртфиналето со Студентски центар, а и сега мора преку мајсторка во полуфиналето со Цедевита Олимпија да се борат за место во финалната серија, дополнително одложувајќи ја битката за трофејот.
На „црвено-белите“ очигледно им здодеа да ја чекаат разврската на ривалите, па денеска преку соопштение ја известија јавноста дека немаат намера да ја почнат финалната серија во АБА додека не завршат со обврските во српското првенство. Полуфиналето од српскиот плејоф (во кој Партизан и оваа сезона не учествува) почнуваат на 4 јуни, а целиот плејоф би можел да финишира најдоцна до 18 јуни, сериозно компликувајќи ја разврската во АБА.
„Бидејќи како сериозен клуб немаме намера да чекаме со недели и недели да одиграме финале кое во нормални околности требаше да биде завршено пред еден месец (и немаше причина да не биде така), се вртиме кон интересите кон националните тимови на Србија и натпреварување кое како српски клуб ни е исклучително важно. Најавениот почеток на финалето на АБА ќе мора да го почека завршуањето на национаното првенство на Србија, бидејќи долго гледавме како се урива регуларноста на АБА-лигата, овојпат со нерегулираниот календар за натпреварување. Не сакаме да влегуваме во шпекулации кога финалето би можело да стартува, бидејќи тоа може да се случи дури откако ќе заврши плејофот“, се вели во соопштението на белградските „црвено-бели“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА