Нов проблем за Јувентус – пак се повреди Дибала

Масимилијано Алегри не може да крене глава од проблеми со повреди на првотимците на Јувентус, а главоболките на стратегот на „старата дама“ дополнително се зголемија откако на самиот почеток од денешниот дуел со Венеција мораше да го повлече од игра Пауло Дибала.

Аргентинецот требаше да биде главен адут на Јуве на ова гостување, но по само десет минути игра остана да лежи на теренот и мораше да биде заменет со младиот Бразилец Кајо Жорге. Италијанските медиуми информираат дека најверојатно станува збор за проблем со коленото, со оглед на фактот дека лекарите веднаш го бандажирале овој дел од ногата на големиот ас на Јуве.

Деталните прегледи ќе следат утре, но веќе е извесно дека Дибала ќе ги пропушти преостанатите две средби на Јуве до крајот ан годинава, против Болоња и Калјари. Останува да се види дали одличниот напаѓач ќе може да се рехабилитира навреме за да настапи на големото дерби со Наполи закажано за 6 јануари 2022 година.

Се вчитува...