Нов шок за Барса: Крај на сезоната и за Дембеле

Барселона претрпе уште еден сериозен удар откако беше обелоденето дека Осман Дембеле нема да може да се врати на терените до крајот на сезонава. Францускиот интернационалец се повреди во ноември, на дуелот со Борусија Дортмунд, неговиот камбек се очекуваше во февруари, што беше и главна причина поради која каталонскиот гигант не ангажираше нов напаѓач како замена за повредениот Луис Суарез.

Сепак, денешниот ден донесе лоша вест за тренерот Сетиен, најпрвин беше обелоденето дека Дембеле ќе отсуствува уште извесно време поради обновување на старата повреда, а последните информации велат дека проблемот е крајно сериозен. Се уште нема официјална потврда, но извори блиски до стручниот штаб на Барса тврдат дека Дембеле ќе мора да биде опериран, што би значело дека тој нема да може да игра фудбал до крајот на сезонава.

Во една таква ситуација, Барселона останува со само тројца здрави напаѓачи, Меси, Гризман и младиот Ансу Фати, откако беше дозволено и Перез да си замине од „Камп ноу“ и да се пресели во Рома пред самиот крај на преодниот рок. Сетиен во таква ситуација нема да може да им даде одмор на фудбалерите во пеколниот финиш од сезоната во кој ги очекува двомеч со Наполи во осминафиналето од ЛШ, трка со Реал за титулата во Ла Лига, но и пресметки во Копа дел реј.

 

Се вчитува...