Нов удар за Кјелце: Крај на сезоната за Јурецки

Талант Душебајев не може да крене глава од проблеми со повредени ракометари сезонава, а главоболките станаа уште поголеми откако капитенот Михал Јурецки отпадна од комбинација за настап во следниот период, најверојатно до крајот на сезонава.

Полскиот бек настрада на последното гостување против Рајн-Некар Левен, откако во второто полувреме влезе во дуел со Илија Абутовиќ. Тој веднаш беше заменет и не се врати повеќе на теренот, а лекарските прегледи ги потврдија лошите вести – станува збор за скршеница на коска во дланката. За ваков вид на повреди вообичаено се паузира околу три месеци, така што Јурецки речиси сигурно нема да се врати до крајот на оваа сезона.

Добра вест за Душебајев е што Лука Циндриќ во последните неколку дена тренираше со остатокот од тимот, па екс-ракометарот на Вардар ќе биде во комбинација за настап на последниот меч од групната фаза на ЛШ, на домашен терен против Веспрем. Тој дуел ќе биде од големо значење и за Вардар,бидејќи Кјелце со триумф може да му направи огромна услуга на македонскиот првак, кој е во трка со Веспрем за втората позиција на табелата.

Се вчитува...