Нова фузија во мак-фудбалот: Се обединија Детонит Јуниор и Плачковица

Фудбалскиот клуб Плачковица и фудбалскиот клуб Детонит Јуниор, се обединија во еден клуб кој во иднина ќе го носи името Детонит Плачковица.

Според соопштението од Детонит, целта е да се формира еден силен фудбалски клуб во Радовиш.

„Има неколку причини за ова од кои едната е постоечката спортска инфраструктура. Имено, Градскиот стадион во Радовиш, кој веќе статусно е регулиран, за жал нема доволен капацитет за да можат да тренираат и се натпреваруваат повеќе клубови и повеќе детски школи, што реално би значело негово оштетување и немање можност за одржување на натпревари.  Втората причина е немањето можности за финансирање на повеќе спортски клубови кои би сакале да тренираат и да се натпреваруваат квалитетно и да котираат високо во своите соодветни лиги. Од тие причини, се одлучивме за еден – ама вреден фудбалски клуб, со обезбедена финансиска поддршка, со сериозна управа, сериозен стручен штаб и пред се – квалитетен фудбалски состав од кој очекуваме професионалност, квалитетен фудбал и високи успеси во системот на натпреварување.

Исто така, како еден од факторите на кој сериозно внимававме е продолжување на традицијата и љубовта кон фудбалот во нашиот град. Имајки во предвид дека Радовиш оваа година прославува јубилеј – 80 години од постоењето на фудбалот и исто толку години на Фудбалскиот клуб Плачковица, сметаме дека звучното и свето фудбалско име – Плачковица, кое е гордост на сите нас и гордост на градот, со оваа одлука во соработка со генералниот покровител на новиот фудбалски клуб, ќе ја подигнеме на уште повисоко ниво.
Како нова управа, бараме целосна поддршка од граѓаните, бараме со заеднички напори да покажеме и докажеме дека Радовиш е фудбалски град. Дека можеме оваа година да се бориме на терен гради во гради со: Вардар, Пелистер, Тетекс, Гостивар, Беласица, Охрид, Саса, Слога, Кожув и другите учесници во единствената Втора Фудбалска лига на Македонија.“, се вели во објавата на ФК Детонит Јуниор.

Се вчитува...