Новак Ѓоковиќ го пропушта УС Опен

Повредата што Новак Ѓоковиќ ја заработи во четвртфиналето од Вимблдон, кога го предаде мечот на Томаш Бердих, е од посериозен карактер и српскиот тенисер речиси сигурно ќе го пропушти УС Опен. Ова во изјава за весникот „Спортски Журнал“ го тврди Зденко Милинковиќ, лекар на тениската репрезентација на Србија и ортопедски хирург.

Ноле ќе мора да мирува од шест до дванаесет седмици, во зависност од тоа како ќе се одвива рехабилитацијата. Во тој период нема да смее да тренира со рекетот, но ќе може да работи на одржување на кондицијата. Тој има модринка на коската од претерано играње. Проблемот го имаше извесно време, но тренираше напорно и не дозволи раната да заздрави, па ситуацијата се влоши“ – изјави Милинковиќ за „Спортски Журнал“.

Со оглед на фактот дека УС Опен стартува за пет седмици, шансите Новак да се појави на гранслем турнирот во Њујорк се минимални. Извори блиски до српскиот тенисер велат дека тој би можел да земе одмор до крајот на годинава, за целосно да ги санира сите проблеми што го мачат, па потоа максимално подготвен да влезе во 2018.

Во тој случај Ѓоковиќ дефинитивно би испаднал од Топ 10 на АТП-листата, поради големиот број на поени што ги брани во Шангај, Париз и на Мастерс-турнирот во Лондон, но во неговиот тим се убедени дека Новак експресно би се приближил до врвот кога би бил во топ-форма и би врзал неколку турнири.

Се вчитува...