„Новата“ Македонија со подмладен состав влегува во мундијалските претквалификации

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 19 часот против Швајцарија во СЦ „Јане Сандански“ го започнува похот кон квалификациите за Светското првенство 2023 година. Нашата репрезентација повторно се најде во претквалификациите за едно натпреварување откако квалификациите за Европското првенство ги завршивме како последнопласирани во конкуренција со Италија, Русија и Естонија.

По натпреварите кои беа одиграни на февруарскиот „балон“ во Перм, таборот на „црвено-жолтите“ претрпе драстични промени. Променет беше селекторот Тодоров, а неговото место го наследи Драган Бајиќ пред кого е тешка задача за враќање на македонската кошарка во „европскиот“ ранг поготово без услугите на доскорешните лидери Војдан и Дајман Стојановски, како и Ненад Димитријевиќ од кој се очекуваше да ги наследи близнаците.

Македонија на овие претквалификации ќе настапи со драстично променет и подмладен состав кој ќе биде предводен од Бојан Трајковски, а истиот уште ќе го сочинуваат и:

Бобан Стајиќ, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Дамјан Робев, Марко Миловановиќ, Адем Мекиќ, Горјан Марковски, Виктор Ефремовски, Андреј Андоновски, Бојан Крстевски, Џејков Вајли и Теодор Симиќ

Швајцарија е познат противник за Македонија. Со оваа репрезентација се сретнавме и во претквалификациите во 2017 година кога забележавме половичен учинок, а двете репрезентации го одбранија домашниот терен. Сепак од тие натпревари двете репрезентации претрпа промени и во играчиот и во тренерскиот кадар па само три Македонци и четири Швајцарци повторно ќе си ги одмерат силите.

„Дојдовме до моментот кога започнуваме со натпреварите. Тоа што морам да го нагласам е една доза на нервоза кај моите кошаркари која е присутна и приметна. Таа можеби е и разбирлива со оглед на малиот број на натпревари кои ги одигравме во подготвителниот период и тоа што едвај го чекаат почетокот на квалификациите. Во првиот натпревар се среќавме со Швајцарија, самиот противник од некои претходни квалификации ни кажува дека се работи за квалитетн противник кој има костур. Имаат промена на тренерското место и нов систем. Тоа што ги краси е една многу добра агресивност и напаѓачката формација каде се дисциплинирани и знаат кој што прави. Добро го градат офанзивниот скок и добро трчаат во транзиција.

Ние имавме доволно време да се подготвиме за натпреварот, се надевам дека тимот ќе одговори на моите барања и дека нема да недостасува енергија. Им кажав на играчите дека ниту пораз, ниту победа нема ништо да одлучат, ни претстојат уште три натпревари и затоа се надевам дека добро ќе одговориме по она што го работевме за време на подготовките и дека на најдобар можен начин ќе ја претставиме Македонија. Јас како тренер секогаш се подготвувам за првиот следен натпревар. Сега тоа е дуелот со Швајцарија, така што за Словачка уште не сум ни размислувал. Фокусот е ставен на првиот меч и тоа го барам и од кошаркарите“, изјави пред мечот селекторот Бајиќ.

Покрај Швајцарија наш противник на „балонот“ кој се игра во Скопје ќе биде и Словачка. Како потсетување, две од три репрезентации изборуваат место во следната фаза.

Се вчитува...