Ножичките на Адуриз ја „скинаа“ Барса

Новата сезона во Примера дивизион почна со сензација, откако Атлетик Билбао успеа да го земе скалпот на Барселона триумфирајќи над актуелниот шампион со 1-0. Голот за победата беше дело на 39-годишниот Адуриз, ремек-дело со „ножички“ по кое „Сан Мамеш“ експлодираше од воодушевување.

Барса делуваше немоќно цел натпревар, а отсуството на Меси остави предлабока трага во играта на каталонскиот гигант. Атлетик имаше две убави шанси преку Вилијамс во првото полувреме, додека Суарез не се снајде најдобро во добра ситуација на спротивната страна, воедно и повредувајќи се, по што уругвајскиот голгетер мораше да биде заменет.

Второто полувреме донесе израмнета битка, но кога се очекуваше поделба на пленот, на сцена стапи Адуриз. Неполни две минути откако влезе во игра на местото на Вилијамс, ветеранот од Баскија постигна неверојатен погодок што сигурно ќе конкурира за „гол на сезоната“, за капитулација на актуелниот првак на самиот старт од сезоната.

Се вчитува...