Њукасл донесе нова „деветка“

Њукасл успешно ја финишираше потрагата по нов голгетер потпишувајќи договор со Калум Вилсон. Овој 28-годишен напаѓач пристигнува од редовите на Борнмут во трансфер вреден 20 милиони фунти, откако не успеа да му помогне на својот довчерашен тим да се избори за опстанок во Премиер-лигата.

Астон Вила ито така се интересираше за услугите на овој англиски репрезентативец, но Стив Брус успеа да го убеди Вилсон кариерата да ја продолжи токму во Њукасл.

„Од првиот момент кога дознав за интересот на Њукасл тоа веднаш ми стана многу интересна опција. Доаѓам во огромен клуб со богата историја, со извонредни голгетери низ историјата чии стапки ќе се обидам да ги следам“, истакна Вилсон, кој претходно одигра 187 средби за Борнмут, постигнувајќи 67 погодоци.

Тој ќе го носи дресот со број девет во Њукасл, откако Бразилецот Џоелинтон не ја оправда довербата по ланскиот трансфер од Хофенхајм.

Вилсон е третото летно засилување на Њукасл, откако пред него како слободни играчи беа доведени Џеф Хендрик и Марк Гилеспи.

Се вчитува...