Њукасл изненади: Унаи Емери е наследникот на Брус!

Њукасл конечно ќе го реши прашањето за предводник на новиот проект на саудиските газди на клубот, откако „црно-белите“ постигнаа договор со Унаи Емери. Шпанскиот стратег се наоѓа под договор со Вилјареал, но е подготвен да си замине од кормилото на „жолтата подморница“ и да се врати назад во Премиер-лигата, каде имаше неуспешна авантура како предводник на Арсенал.

Весникот „Дејли Мејл“ објави дека сите детали се веќе договорени и Емери најдоцна до петок ќе потпише договор со Њукасл, по што викендов ќе дебитира на клупата на „црно-белите“ на гостувањето против Брајтон. Со тоа Њукасл ќе ја заврши потрагата по нов менаџер откако газдите од Саудиска Арабија најавија коренити промени во клубот кои почнаа со заминувањето на доскорешниот стратег Стив Брус.

Се очекува новите газди да обезбедат најмалку 70 милиони фунти за нови засилувања во јануарскиот преоден рок, а цел до крај на сезонава ќе биде да се обезбеди опстанок во Премиер-лигата. Доколку тоа се оствари, Њукасл ќе инвестира уште најмалку 200 милиони фунти за нови играчи во текот на летото.

Се вчитува...