Њукасл ќе пазари од Саудиска Арабија за замената на Тонали

Њукасл се најде во незавидна ситуација по суспензијата на Сандро Тонали, откако играчот што требаше да биде главен плејмејкер на тимот сега ќе отсуствува до крајот на сезоната поради скандалот со обложување на фудбалски натпревари во Италија.

„Црно-белите“ се свесни дека во јануари ќе мора да донесат нов играч на оваа позиција, а на врвот на листата со желби се наоѓа Рубен Невеш, екс-фудбалерот на Вулверхемптон кој минатото лето се пресели во Ал Хилал. Тој досега има 14 настапи за Ал Хилал и е стандарден првотимец во оваа екипа, но во Њукасл се надеваат дека ќе можат да го позајмат на шест месеци, со оглед на фактот дека двата клуба имаат ист мнозински сопственик – Саудискиот Јавен Инвестициски Фонд.

„Црно-белите“ во наредните триесетина дена ќе водат интензивни преговори за да го вратат 26-годишниот Португалец во Премиер-лигата, со надеж дека ќе може да биде постигнат договор и Невеш веќе на 1 јануари да му биде достапен на Еди Хау.

Доколку ова не вроди со плод, „план Б“ е да се тргне по Калвин Филипс, англискиот фудбалер кој не е дел од плановите на Пеп Гвардиола и ќе биде продаден од Манчестер Сити во јануарскиот преоден рок.

Се вчитува...