Њукасл конечно донесе нов тренер, ќе има 100 милиони евра за трошење во јануари

Њукасл конечно ја финишираше потрагата по нов менаџер откако денеска потпиша договор со Еди Хау, со важност до 30 јуни 2024 година.

„Црно-белите“ по преземањето од новите газди од Саудиска Арабија преговараа со неколку врвни стратези, но од сите добија негативен одговор. Откако во последен момент се премисли и Унаи Емери, решавајќи да остане во Вилјареал, изборот падна врз Хау, 43-годишниот стручњак кој е без ангажман откако си замина од Борнмут, клуб со кој испадна од Премиер-лигата.

Борбата за опстанок ќе биде примарна цел во текот на оваа сезона, а управата на клубот обезбеди и 100 милиони евра за трансфери во јануарскиот преоден рок, за да му помогнат на новиот менаџер во овој период, во пресрет на летото за кога се очекуваат бројни звучни засилувања во таборот на „црно-белите“.

„За мене е огромна чест и задоволство што доаѓам на чело на клуб со традиција како што е Њукасл. Ова е одлична можност, но исто така и голема обврска и со нетрпение очекувам да почнам со работа, да се запознаам со фудбалерите и да стартуваме со добри резултати“, изјави Хау.

Новиот стратег ќе дебитира на клупата на Њукасл веднаш по репрезентативната пауза, на домашниот меч со Брентфорд закажан за 20 ноември (сабота во 16 часот).

Се вчитува...