Нуно Еспирито Санто ги реши дилемите за иднината на Хари Кејн?

Тотенхем ја отвори новата сезона со триумф над Манчестер Сити во Премиерлигата, но првата „сопка“ за избраниците на Нуно Еспирито Санто беше португалскиот клуб Пакош Фереира кој со 1-0 славеше во првиот натпревар од разигрувањето за пласман во новоформираната Конференциска Лига.

Уште на мечот против „ѓраѓаните“ видно беше отсуството на Хари Кејн од тимот, а така беше и вчера кога Тотенхем не успеа да упати удар во рамките на противничкиот гол. По натпреварот новиот стратег на „петлите“ повторно беше запрашан за напаѓачот, а изгледа дека го даде и одговорот дали тој ќе остане во тимот.

„Тој тренира со нас деновиве, но остана во Англија. Кога ќе се вратиме и ќе се комплетираме, тој ќе ни се приклучи и ќе биде наш играч“, кратко изјави Еспирито Санто.

Како што одминува трансфер рокот, така и се намалуваат шансите за Кејн да премине во редовите на Манчестер Сити па се чини дека капитенот на англиската репрезентација ќе мора да се задоволи со најмалку уште една година во понизок ранг на европско натпреварување.

Се вчитува...