Обединета Кореја во обединет Берлин – историски момент на стартот од СП 2019

26.Светско ракометно првенство што се одржува во Германија и во Данска, почна вечерва со историски меч во Берлин меѓу домаќинот Германија и обединета Кореја. За прв пат во историјата на овој ракометен Мундијал настапува обединета репрезентација со ракометари од Северна и од Јужна Кореја. Симболично, овој историски меч се игра во близина на берлинскиот ѕид кој е симбол на обединувањето на Германија.

На отворањето на СП во исполнетата „Мерцедес Бенц Арена“ присуствува претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, претседателот на ИОК Томас Бах, бројни германски политичари и 250 официјални гости од Северна и од Јужна Кореја.

Наместо официјална химна, пред почетокот на мечот се свиреше традиционалната корејска народна песна „Ариранг“.

Селекторот на обединетиот тим на Кореја, Југ Шин Чо, истакна дека нивна главна цел е да му покажат на светот што значи тимскиот дух.

Се вчитува...