Објавени и резервите: Олстар-мечот ќе биде без Харден, Ленард, Дејвис…

НБА лигата рано утрово ги објави имињата на преостанатите 14 кошаркари, кои беа избрани како резерви за претстојниот олстар натпревар што на 19 февруари ќе биде одигран во Солт Лејк Сити.

Навивачите, кошаркарите и медиумите ги избраа стартерите, но затоа НБА-тренерите вообичаено се задолжени за изборот на резервните кошаркари на олстар-дуелите. За овогодинешното издание, мечот на сите ѕвезди ќе го пропуштат асови како Ентони Дејвис, Џејмс Харден и Каваи Ленард, кои поради повреди беа отсутни подолг период, па не беа избрани за овој кошаркарски спектакл.

Листата на резерви во Источната конференција ја предводи центарот на Филаделфија, Џоел Ембид. Покрај него, дел од овој спектакуларен меч ќе бидат и ДеРозан од Чикаго, Браун од Бостон, Адебајо од Мајами, Холидеј од Милвоки, Рендл од Њујорк и Халибуртон од Индијана, за кого ова ќе биде премиерен олстар меч во кариерата.

На спротивната страна, во тимот на Западот ќе има тројца дебитанти, и тоа Александер од Оклахома Сити, Џерен Џексон од Мемфис и Финецот Лаури Марканен од Јута. Покрај нив, место меѓу резервите обезџбедија и Пол Џорџ од ЛА Клиперс, Демијан Лилард од Портланд, Џа Морант од Мемфис и Домантас Сабонис од Сакраменто.

Се вчитува...