Очајно второ полувреме – Вардар „прегазен“ од Веспрем

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар загуби со убедливи 22-30 на домашен терен од унгарскиот Веспрем во првиот натпревар од осминафиналниот двомеч во Лигата на шампионите. Домашниот тим единствено во првите 25. минути беше достоен противник, а феноменалниот Коралес во вториот дел и многуте промашувања во нападот беа клучни за овој убедлив пораз.

Гостите подобро го отворија натпреварот и со двата гола на францускиот интернационалец Мае стигнаа до брза предност од 0-2. „Црвено-црните“ брзо се вратија од почетниот грч и со голот на Дибиров од пенал во 5. минута стигнаа до првото израмнување 2-2. Следеше, одбрана на Томовски, а Филип Талески во стил на Кирил Лазаров го донесе првото водство за македонскиот шампион (3-2).

Томовски забележа нова одбрана, а со вториот гол од пенал на Дибиров Вардар стигна и до плус два во седмата минута (4-2). Следеа неколку нереализирани напади на двете страни. Гостите грешеа во нападот, а со  третиот гол на Дибиров од пенал во 11. минута домашниот тим стигна до плус три (5-2).

Гостите беа немоќни во нападот и во продолжение, „црвено-црните“ останаа на плус три (6-3), па по еден долг напад тренерот Момир Илиќ во 14. минута мораше да интервенира со прв тајм-аут. Паузата вроди со плод па со два гола едно-подруго унгарскиот шампион се врати на минус еден 6-5. Следеа по еден гол на двете страни, па при резултат 7-6 и Давид Дејвис го повика својот прв тајм-аут.

По тајм-аутот двете екипи продолжија со грешки, игра во која „црвено-црните“ подобро се снајдоа па со голот од контра на Талески во 19. минута повторно стигнаа до предност од два гола 8-6. Гостите успеаја да ја засилат одбраната во следниот период од играта па во 24. минута по подолг период стигнаа до реми (9-9). Следеше промашување на Георгиевски кое беше казнето од Нилсон кој по почетните 0-2, повторно донесе водство за гостите (9-10). Двократниот европски шампион повторно погреши во нападот, а со голот на Ненадиќ од пенал Веспрем повторно стигна до највисоките за нив плус два (9-11).

Талески беше единствениот расположен ракометар кај домаќините и со нов гол намали на 11-12, но веднаш Нова техничка грешка во нападот донесе лесен гол за Македа и највисока предност за Унгарците (11-14) при влезот во последните две минути. Дибиров не успеа да реализира пенал, а со голот на Лекај на една секунда до крајот гостите заминаа на пауза со највисоки 11-15.

Како и на крајот на првото полувреме, ракометарите на македонскиот шампион продолжија и на стартот на вториот дел. Одличниот Коралес, но и дирекот беа главни противници на нашиот тим во второто полувреме. Вардар влезе во „црна-дупка“ во периодот до четириесеттата минута во кој постигна само еден гол. Талески кој беше единствен расположен во првото полувреме, веќе беше прочитан од одбраната на гостите, па сето тоа резултираше со највисоки плус осум (12-20), по кои Давид Дејвис мораше да го побара и вториот тајм-аут.

Црниот период од повеќе од 12 минути без даден гол го прекина Стојанче Стоилов кој стрелаше во 43. минута и намали на 13-20. Коралес продолжи да биде нерешлива енигма за Вардар, а гостите со два гола во низа стигнаа и до плус девет пред последната четвртина во мечот (13-22).

Добрата вечер на голманите на гостите ја надополни и Цупара кој успеа да му одбрани пенал на Дибиров, а во следниот напад со голот на Нилсон, унгарскиот шампион првпат стигна до двоцифрена предност во 46. минута од 13-23. Вардарци некако се опоравија во продолжението на мечот и на десет минути до крај успеаја со серија од 4-1 да намалат на 17-24.

Сепак тоа беше се од двократниот европски шампион на овој меч. Гостите го исконтролираа мечот и на крајот стигнаа до конечен триумф од 22-30. Филип Талески остана на шеста гола од првото полувреме и заедно со Тимур Дибиров кој исто така заврши со шест беше најефикасен кај домаќините. Кај победникот Андреас Нилсон постигна осум гола, додека Петар Ненадиќ мечот го заврши со шест погодоци.

Реваншот ќе се игра следната среда во Унгарија во истиот термин од 18.45 часот.

Се вчитува...