Од Париз до Москва, Хрватска не знае за триумф над Франција

Најважниот натпревар во фудбалската репрезентативна историја, Хрватска ќе го одигра в недела на „Лужњики“ во Москва. За трофејот од Светското првенство, Хрватите ќе се борат со Франција, репрезентација со која имаат негативен биланс во петте досега одиграни дуели. „Триколорите“ имаат три победи, а двете последни средби завршија без победник.

Пред 20 години, во првиот меѓусебен натпревар, на „Сент Дени“ во Париз, во полуфиналето на Светското првенство, Франција славеше со 2-1 и ги урна хрватските соништа за финале. Французите тогаш со триумфот над Бразил дојдоа до единствениот мундијалски успех.

Во ноември во 1999 година овие две селекции повтроно се сретнаа. Играа пријателски натпревар кој Франција го доби лесно со 3-0. Шест месеци подоцна, Хрватска го возврати гостопримството на нова пријателска контрола и беше поразена со 2-0.

Важен дуел овие два тима имаа на во групниот сегмент на Европското првенство во 2004 година. Франција поведе, Хрватите направија пресврт, за финишот да донесе реми 2-2.

Последен пат, Хрватска и Франција се сретнаа во март 2011 година. Тоа е единствената средба меѓу овие две селекции која завршила без голови.

Шестата пресметка меѓу овие две репрезентации ќе биде досега најважната. Победникот ќе дојде до светската титула, за Франција би била втора, за Хрватите прва во историјата.

Се вчитува...