Одличен настап на Бранковски: Со свој најдобар резултат зад себе го остави и досегашниот олимписки шампион

Првиот македонски олимпиец кој се појави на Летните олимписки игри во Токио, Борјан Бранковски запиша одличен настап на стрелачкото боиште со освоеното 21. место во конкуренција на 36 натпреварувачи од 29 земји во дисциплината Воздушен пиштол од 10 метри.

24-годишниот Бранковски запиша најдобар свој резултат на големите натпреварувања со 573 круга, и нов државен рекорд, оставајќи го зад себе и олимпискиот шампион од Рио де Жанеиро, Хоан Сум Вин од Виетнам.

Ако се погледне резултатски, Бранковски беше блиску и до осмото место кое носеше пласман во финалето за што му беа неопходни 578 круга. Но, пресудија двете почетни послаби негови серии. Во првата и во втората серија имаше 93 односно 94 круга, додека во останатите серии запиша далеку подобри резултати од 98, 95, 96 и 97 круга.

Во секој случај повеќе од квалитетен настап на Бранковски на ЛОИ во Токио оправдувајќи ја извонредната своја работа во изминатиот четиригодишен олимписки циклус.

Се вчитува...