Сите очекуваа славје на европската премиера и потврда зошто ЕХФ го смести Пелистер за втор фаворит за патник на Ф4 во Евролигата, токму затоа и разочарувањето беше толку големо кога Ла Риоха му одржа на македонскиот вицепрвак час по модерен ракомет.
Лино Червар немоќно гледаше како неговиот тим безидејно оди кон бездната, без никаква идеја како да го спречи слободниот пад на „зелено-белите“ што траеше 60 минути. Ракометарите исто така беа далеку под нивото, како да очекуваа лесна победа и влегоа опуштено, а кога на теренот се соочија со реалноста, беа немоќни да се вратат. И сосема оправдано со наведнати глави го напуштија теренот.
А битолската е приказна сама за себе, атмосфера за чиста десетка, со поздрав до играчите кои потфрлија на теренот и јасна порака, дека „чкембари“ се со нив и во победите и во поразите.
Големината на битолчани се виде и на неколку минути до крајот, по уште една извонредна одбрана на гостинскиот голман, кој беше награден со стоечки аплаузи од огромен дел од публиката.
Затоа што битолчани знаат да ценат квалитет, и кога е во противничкиот табор…
Им останува да се надеваат дека аплаузите на следните натпревари ќе ги подарат на своите миленици. Затоа што оваа публика го заслужува тоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
