Одржан меморијалниот турнир во пинг понг, „Александар Атанасовски Мац“

Со учество на повеќе од 60 пингпонгари во СЦ Форца во Скопје по четврти пат се одржа Меморијалниот турнир посветен на еден од најдобрите во овој спорт во минатиот век, повеќекратниот државен првак, легендата Александар Атанасовски Мац.

Турнирот кој секоја година не потестува на Александар Атанасовски Мац традиционално го организира ППК Вардар од Скопје под покровителство на ППФМ. На него учествуваа натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Црна Гора…, кои беа поделени во четири старосни категории, и тоа апсолутна категорија без ограничување на возраста на играчите; категорија 35 – 49; категорија 50 – 59 и категорија 60+.

Во апсолутна категорија победник на турнирот е државниот првак Кристијан Станојковски кој во финалето го совлада Живко Апостолски со 3:0. На патот до финалето Станојковски најтешкиот натпревар го имаше во четвртфиналето, натпревар во кој дури во петтиот сет го скрши отпорот на играчот од Косово, Рахман Адемај. Најпријатно изненадување на турнирот во апсолутна категорија е Христијан Јовановски, младиот битолчанец кој стигна до полуфиналето каде што беше запрен од финалистот Апостолоски.

Јовановски во системот на директни елиминации ги совлада реномираните имиња на македонскиот пинг понг Димитрие Жоговски и Филип Младеновски. И двата натпревари Јовановски ги доби со 3:2, и во двата натпревари имаше негатива, со Жоговски од 2:1, додека со Младеновски губеше со 2:0, но на крајот Јовановски сепак докажа дека полуфиналето на првиот мастерс турнир не био случајно и дека полека се наметнува како еден од посериозните играчи.

Во категоријата од 35 до 49 години победник е играчот од соседна Србија Драган Ѓорѓевиќ кој е редовен учесник на турнирите кај нас. Најинтересно беше во категоријата од 50 до 59 години каде што победник беше Миле Петрески, живата легенда на македонскиот пинг понг, повеќекратен државен првак, кој уште еднаш покажа дека има уште многу магија во неговиот рекет. Финале кое ги собра сите аплаузи на присутните во Форца, Петрески против уште една легенда на пинг понгот кај нас, Зоран Јовановски – Тарзан, двајца прилепчани и долгогодишни пријатели. Поуспешен беше Петрески, победи со 3:2, иако Јованоски ги доби првите два сета. Јованоски на овој турнир ги одигра најинтерените натпревари на турнирот. Во четвртфиналето против клубскиот соиграч Љубиша Милошевиќ од Србија спаси 4 меч поени на противникот, имено Милошевиќ во решавачкиот сет имаше предност од 10:6, но сепак на крај славеше Јованоски.

Во категоријата на играчи постари од 60 години, победникот повторно доаѓа од Прилеп, Петар Јовановски во финалето беше подобар од Диме Ташковски. Играчите во оваа категорија иако во поодмината возраст покажаа дека товарот на годините сеуше не им претставува проблем и знаат да одиграат возбудливи поени кои ја подигаат атмосферата во гледалиштето и да измамат аплауз.

Победниции по категории на 4. Меморијален турнир Александар Атанасовски Мац

Апсолутна категорија
1. Кристијан Станојковски
2. Живко Апостолоски
3. Христијан Јованоски
Горан Петровиќ

Категорија 35-49
1. Драган Ѓорѓевиќ
2. Горан Петровиќ
3. Сашко Богатинов
Филип Младеновски

Категорија 50-59
1. Миле Петрески
2. Зоран Јованоски
3. Филе Матевски
Милош Бојаниќ

Категорија 60+
1. Петар Јованоски
2. Диме Ташковски
3. Жељко Басариќ
Драги Јорданов

Се вчитува...