Официјално: Доминик Мавра е нов кошаркар на МЗТ Скопје!

Хрватскиот интернационалец Доминик Мавра (23 години) е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска ги заврши сите формалности околу потпишувањето договор со шесткратниот македонски шампион.

Станува збор за кошаркар кој игра на двете бековски позиции, а кој сезоната ја почна во дресот на шпански Хувентуд, со кој исто така денеска ја прекина соработката. За Мавра ова е враќање во градот каде што настапуваше минатата сезона, со оглед на тоа што беше член на тимот на Карпош Соколи. Тој во дресот на „соколите“ настапи на 19 средби во АБА-лигата со просек од 9,2 поени и 3,7 асистенции.

Хрватот беше најзаслужен за пехарот во Купот на Македонија на Карпош Соколи, за што беше избран за МВП на завршницата во ова натпреварување минатата сезона. Кариерата ја почна во Загреб, а досега има играно уште и за Сплит, Цибона и полскиот тим МКС Даброво. Летово беше на поширокиот список на репрезентацијата на Хрватска за настап на ЕП 2017, а има златни медали од јуниорско и кадетско европско првенство во дресот на „коцкестите“.

Неговото пристигнување во Скопје се очекува утре, а ако се биде како што треба, Мавра ќе дебитира во сино-белиот дрес на неделниот дуел против Мега Бемакс во рамките на 7. коло од АБА лигата.

Се вчитува...