Пауло Фонсека повеќе нема да седи на клупата на Лион. Францускиот клуб ја потврди разделбата со португалскиот стручњак, кој ја продолжува кариерата во својата татковина, каде што ќе го преземе Спортинг од Лисабон.
Договорот меѓу двата клуба е постигнат со обештетување од пет милиони евра, колку што Спортинг ќе издвои за ангажман на тренерот кој се враќа во Португалија по една деценија. Последен пат во својата татковина работеше во Брага, со која го освои националниот куп.
Фонсека пристигна на клупата на Лион на 31 јануари 2025 година, кога го наследи Пјер Саж. Иако имаше договор до јуни 2027 година, соработката заврши многу порано, откако португалскиот тренер изрази желба да ја прифати поканата на Спортинг.
Французите не го криеја своето незадоволство од начинот на кој се случи разделбата, особено поради фактот што сè се случи во текот на сезоната.
„Откако во изминатите неколку дена беше контактиран од клуб кон кој е особено поврзан, Пауло Фонсека го информираше раководството за својата желба да го напушти Лион. Тоа е неочекувана одлука, за која длабоко жалиме, особено затоа што е донесена во средината на сезоната. Соочени со јасно изразената желба на тренерот, раководството на клубот процени дека продолжувањето на соработката не е во интерес на Лион, бидејќи повеќе не е можно да се гарантира истото ниво на посветеност потребно за успехот на проектот. Во толку важен момент од сезоната, клубот верува дека сите расположиви ресурси мора целосно да се мобилизираат и фокусираат на постигнување на целите на клубот“, се наведува во соопштението за медиумите на Лион.
Додека не најде трајно решение, тимот ќе го води Жорж Масиел, еден од претходните соработници на Фонсека. Тој ќе го води тимот во следните два натпревари, против Реал Сосиедад во Лигата на Европа и Брест во француското првенство.
Спортскиот директор Матие Луј-Жан потврди дека Карлос Висенс е едно од имињата што се разгледуваат за испразнетото место шеф на стручниот штаб.
Officiel : Paulo Fonseca quitte l’OL 🔴🔵
https://t.co/R7dsbTfp0P https://t.co/LhammWCRne
— Olympique Lyonnais (@OL) November 4, 2026
Фонсека има богата тренерска кариера зад себе. Работел во неколку португалски клубови, вклучувајќи ги Пасо Фереира, Порто и Брага, пред да се пресели во Шахтјор. Со украинскиот гигант освои три двојни круни и Суперкупот на Украина.
Потоа, се обиде во Италија, каде што ги водеше Рома и Милан, а работеше и во Лил, пред да го преземе Лион. Сега го чека нов предизвик во Спортинг и враќање на португалската фудбалска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
