Официјално: Грифин е нов играч на Нетс

Она што беше јавна тајна во најсилната кошаркарска лига во светот – НБА, веќе е официјализирано. Блејк Грифин ќе го носи дресот на Бруклин Нетс до крајот на сезоната.

Блејк имаше договор со Детроит Пистонс до 2022 година, а според истиот требаше да инкасира 75 милиони долари. Сепак, тој одлучи да се откаже од договорот за соработка и да ја промени средината што е можно поскоро.

Веднаш штом се реши за оваа опција, Бруклин Нетс се наметна како прв избор на Грифин, па тој сега ќе биде во тим каде се Дурант, Харден и Ирвинг. Блејк исто така ќе биде во тимот со својот долгогодишен соиграч од времето во Лос Анџелес Клиперс, Деандра Џордан.

Грифин играше за Клиперс од 2009 до 2018 година. Тој беше првата ѕвезда на тимот, позната по своите спектакуларни забивања. Сепак, кога пристигна во Детроит, неговата кариера отиде надолу. Со доаѓањето во Нетс, тој сака да се врати на највисоко ниво и да се обиде за првпат да ја освои шампионската титула.

Се вчитува...