Официјално: Јунајтед плати богатство за талент со четири одиграни средби за Аталанта

Манчестер Јунајтед го официјализираше првиот трансфер во 2021 година, потпишувајќи договор со Амад Диало Траоре, суперталентот на Аталанта кој пристигнува на „Олд Трафорд“ за отштета од 37,5 милиони фунти. Диало Траоре има само осумнаесет години, досега има настапено на вкупно четири средби за тимот од Бергамо, но тоа не им пречеше на „црвените ѓаволи“ да платат богатство за неговиот трансфер, убедени дека носат суперѕвезда за иднината.

Тој го привлече вниманието на крајот од ланската сезона, кога влезе во игра во второто полувреме од дуелот со Удинезе, по што само четири минути подоцна се запиша меѓу стрелците.

Јунајтед уште во октомври месец го имаше договорено трансферот на Диало Траоре, но мораше да биде одложен поради работната дозвола. Диало во меѓувреме одигра вкупно уште три средби за Аталанта, дебитираше и во ЛШ на домашен терен против Митјиланд, а откако беа решени и бирократските проблеми тој доби зелено светло за преселба во Манчестер.

Аталанта сакаше да го задржи младиот крилен офанзивец на позајмица до крајот на сезонава, но самиот фудбалер изрази желба што поскоро да замине во Премиер-лигата.

Тој ќе почне со тренинзи под водство на Оле Гунар Солскјер, а веќе во текот на овој месец би можел и да дебитира за Манчестер Јунајтед. Високата отштета сама по себе носи притисок, но „црвените ѓаволи“ имаат во тимот бројни играчи кои можат да му помогнат на Диало за решавање на овој проблем.

Се вчитува...