Охриѓани од денеска во Скопје пред баражот со Ренова – Бочевски вели дека сите „карти се отворени“

Фудбалерите на Охрид од денеска се во Скопје каде во карантин ќе го очекуваат утрешниот бараж натпревар со Ренова за место во Првата македонска фудбалска сезона.

Охриѓани имаа одлична сезона во Втората лига – Запад изненадувајќи многумина со обезбедениот бараж. Но, повеќе од заслужено. Па, сега остануваат само 90 минути за место во елитата. 90 минути во кои се е можно.

„Ренова е квалитетен и сериозен противник. Не очекува тежок натпревар од секој аспект. Квалитетот е на страната од прволигашите, но ние сезонава покажавме дека можеме да одговориме на секој предизвик. Се е можно и сите карти се отворени кога се игра еден натпревар“ – вели охридскиот тренер Драган Бочески, и дополнува:

„Натпреварувачката сезона ја оценувам како успешна од повеќе гледни точки. Се стабилизиравме како клуб, ростерот го подмладивме и шанса добија повеќе охридските фудбалери. Резултатаски поминавме многу добро, а баражот и евентуален пласман во елитата ќе биде круна на сезонава“.

Охрид претходно во македонска фудбалска елита играл три сезони. Првата и втората беа во 1994/95 и 1995/96 година и потоа 2011/12 година.

Ренова и Охрид утре од 16 часот својот бараж-натпревар ќе го играат на стадионот на комплексот „Куќа на фудбалот“ на ФФМ, додека во втората бараж-пресметка Тиквеш и Силекс ќе играат на националната арена „Тодор Проески“.

Се вчитува...