Охриѓани со многу мака ја освоија Битола

Охрид славеше на гостувањето против Пелистер со минимални 77-78 на стартот од петтото коло во кошаркарскиот шампионат, дуел во кој охриѓани многу потешко од очекувањата стигнаа до цел плен на дуелот во салата „Младост“ во Битола.

Гостите ја имаа улогата на фаворит на овој натпревар, а откако ја добија втората четвртина со 14-27 се чинеше дека победата е сигурна. Охрид имаше двоцифрена предност во текот на целиот трет период, во последните десет минути се влезе со резултат 53-63, за потоа домаќините да се разбудат и да одиграат одлично во четвртата четвртина. Како што минуваше времето така и предноста на Охрид се топеше, па битката за бодовите се водеше буквално до последните секунди. Поумешни беа гостите, кои со поените на Кенет на три секунди до крајот стигнаа до победа, трета за нив сезонава во Првата лига.

Бери со 31 поен беше најефикасен кај победничкиот тим, додека херојот Кенет го заврши мечот со 18 поени. Најдобар поединец кај Пелистер беше Луис со 29 поени.

Се вчитува...