ОИ во Париз без шампионката во трискок

Актуелната олимписка шампионка во трискок, Јулимар Рохас, нема да може да го брани златниот медал на претстојните Олимписки Игри што летово ќе се одржат во Париз.

Рохас важеше за главна фаворитка за златото и на ова натпреварување, но неодамна заработи незгодна повреда. Деталните прегледи покажаа дека проблемот не е нималку наивен и Рохас мора да паузира неколку месеци од атлетичарските натпреварувања.

Извонредната Венецуелка која е и светска рекордерка во трискок важи за една од најтрофејните атлетичарки во 21. век. Покрај олимпиското злато во Токио таа има и сребро од Рио де Жанеиро во 2016, четири титули светска шампионка на отворено и три во сала. Исто така, таа беше првопласирана во Дијамантската лига во 2021, 2022 и во 2023 година.

Актуелниот светски рекорд од 15,67 метри го постави на ОИ во 2021 година, а светскиот рекорд во сала исто така е дело на Рохас, поставен на СП во Белград во 2022 година (15,74 метри).

Се вчитува...