Ојлески: Само бавно против брзиот Хановер

Ракометарите на Работник се подготвуваат за почетокот на новата авантура, првото учество во групната фаза од Купот на ЕХФ. Премиерата во ова натпреварување битолскиот клуб ќе ја има на гостувањето во Германија против Хановер, главниот фаворит за освојување на првото место во групата.

„Самиот пласман во групната фаза е испишување на историја за нашиот клуб, на што сме многу горди. Без преголем притисок ќе влеземе во претстојните предизвици, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме, напротив, ќе сториме се за да оставиме што подобар впечаток и да оствариме добри резултати“ – изјавува Гоце Ојлески.

Работник бележеше одлични резултати во македонската Супер-лига во првиот дел од сезоната, рутински го мина и Берн во рамките од Купот на ЕХФ, а тимот во меѓувреме се засили со неколку странски засилувања.

Мал хендикеп ни е фактот дека новите играчи дојдоа нешто подоцна, па немавме доволно време и натпревари за воигрување. Како и да е, максимално сме мотивирани за да го дадеме максимумот против Хановер. Јасно е дека Хановер е фаворит, но ние нема да одиме со бело знаме. Германците инсистираат на што побрза игра, па наша цел ќе биде да играме што побавно, но и да го минимизираме бројот на технички грешки. Во одбраната ќе треба да го запреме Норвежанецот О’Саливен, кој беше одличен и на последното СП и од кого почнуваат сите акции на Хановер“ – предупредува искусниот крилен ракометар во таборот на битолчани.

Се вчитува...