ОК Вардар: Одбојкарската федерација сака на мала врата да поништи се и да протурка ново првенство

По вчерашните најави од страна на Одбојкарската федерација на Македонија за можно продолжување на првенството, со своја реакција се огласија од ОК Вардар кои реагираат дека ОФМ, всушност, сака да протурка сосема ново првенство, со поништување на досегашните резултати на најдобрите четири екипи во машка и во женска конкуренција.

СООПШТЕНИЕТО ОД ОК ВАРДАР ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

После денешните изјави од страна на Генералниот секретар на Oдбојкарската федерација на Македонија во врска со продолжувањето на националното првенство во одбојка, мораме да реагираме и остро да се спротиставиме на дел од искажаните ставови, бидејќи бевме истакнати како единствени клубови (во машка и женска конкуренција) кои не се согласуваат со продолжување на првенството.

Најпрво сакаме да истакнеме дека планот кој беше доставен од страна на федерацијата не беше план за продолжување на првенството туку план за почнување на ново првенство, имено планот предвидува најдобрите 4 клуба во машка и најдобрите 4 во женска конкуренција да играат во двокружен систем и да се започне од нула бодови, што е НЕПРИФАТЛИВО и НАВРЕДЛИВО пред се за играчите на двете екипи на ВАРДАР кои во текот на целото првенство даваа се од себе да постигнат што е можно подобри резултати, за во завршницата на шапионатите имаат одредена предност која ја овозможуваат пропозициите усвоени на почетоткот на сезоната. Двете екипи на ВАРДАР ги комплетираа своите состави со играчи (домашни и странски) уште на почетокот на сезоната со што го крена нивото на клупската одбојка во Македонија, а при тоа доминираа во шампионатите (машката екипа на ВАРДАР во привиот дел имаше скор 8-0, сет количник 24-0 и поен разлика 600-313), а сега некој се обидува сето тоа да го избршие, на што како клуб жестоко ќе се спротиставиме.

Но дури и да го оставиме на страна тоа што федерацијата се обидува да ги поништи досега постигнатите резултати во превенството и тоа што се обидува на мала врата да протурка ново првенство, во нашиот одговор до федерацијата побаравме, а не добивме и решенија за голем број на отворени прашања кои ќе ги мачат сите клубови во случај на продолжување на превенството, а тоа се:

1. Дали играчите на кои им се истечени договорите ќе можат да играат за клубовите, односно дали федерацијата ќе ги обврзе да играат за клубовите со кои имале договори пред кризата? Имено најголем број од клубовите имаат договори со играчите до крајот на Мај.
2. Дали сертификатите кои ги издава FIVB за странските играчи, а кои истекуваат во Јуни ќе се продолжат односно дали федерацијата има од FIVB има дозвола за вакво продолжување? Било кое играње на играч без сертификат е ризик за високи казни и финансиски обврски кон федерациите од кои доаѓаат играчите.
3. Дали се знае протоколот по кој странските играчи ќе може да се вратат во Македонија?
4. Дали федерацијата ќе ги плати осигурувањата на играчите во случај на повреда, за периодот после Мај кога им завршуваат договорите на играчите? Во ВАРДАР сите осигурувања истекуваат со истекот на договорот на играчот, а многу се веројатни повреди поради тоа што играчите веќе два месеци се надвор од редовен тренажен процес.
5. Дали федерацијата има протокол од својата лекарска комисија или од надлежните државни органи за тоа какви мерки на безбедност ќе треба да се превземаат при тренинг во салите, а имајќи во предвид дека македонските сали и без епидемија се на работ на регуларноста?
6. Дали федерацијата има протокол од својата лекарска комисија или од надлежните државни органи за тоа какви мерки на безбедност ќе треба да се превземаат при одржување на натпревари?
7. Дали имаат било каква пресметка колку би ги чинело клубовите воведувањето на дополнителните протоколи за тренинг, патување и организација на натпревари?
8. Дали разговарале со играчите во врска со продолжување на првенството, односно дали тие сметаат дека би биле безбедни на тренинг и натпревари?!

Ова се само дел од отворените прашања, а ако навлеземе во детали околу организацијата на тренингот и натпреварите би се отвориле уште стотина други прашања, на кои федерацијата нема одговор. Претпоставуваме дека овие прашања, но и многу други се причината сите европски федерации, а особено балканските меѓу кои има многу сериозни федерации да ги прекинат своите првенства и да прогласат победници согласно моменталниот пласман, нешто што е возможно и во Република Македонија бидејќи се одиграни повеќе од 70% од натпреварите.

Во изјавата на Генералниот секретар се потенцира дека сега кога репрезентацијата има позитивни резултати треба да се искористи моментот за одбојката, но нека не заборава дека ВАРДАР како клуб оваа сезона првпат после многу години пријави екипа во машка конкуренција во ЦЕВ натпреварувањата, а планираме истото да го направиме и идната сезона и во машка и во женска конкуренција, што е значајно за популаризација на одбојката, но доколку се одземат сите постигнувања на ВАРДАР во оваа сезона, како што е предложено, тогаш сето наше залагање паѓа во вода, поради лични интереси на одреден број на луѓе кои имаа личен анимозитет кон ВАРДАР. Федерацијата во ниту еден наврат не се обрати до клубовите да праша со какви проблеми се соочуваме во овој период, а камо ли да издвои средства да не помогне, како што тоа го прават најголем број од европските федерации, а зборат за популаризација.

Одбојкарските клубови на ВАРДАР и во машка и во женска конкуренција во текот на оваа сезона постигнаа резултати со кои се гордееме и безмерно сме благодарни на момците и девојките кои играа со срце за ВАРДАР!! Поради тоа нема да прифатиме НИКОЈ да ги става во опасност нивните животи за време на епидемија, ниту на коцка нивните кариери поради евентуални повреди во период кога немаат договори и осигурување. Нека достави федерацијата соодветен план за продолжување на првенството и протокол за безбедност кој ќе може секоја екипа да го обезбеди и ние немаме проблем да продолжиме со првенството таму каде што е застанато, но само и единствено ако таквиот предлог е во согласност со актите на федерацијата (кои неможеме да ги најдеме никаде) и ако обезбедува регуларност на првенствата. Уште еднаш јавно ке побараме од Одбојкарска Федерација , актите, пропозициите и статутот за работа да го постави на нејзината веб страна како штои е предвидено согласно законските правила.

Секогаш со срце за ВАРДАР!!!
ОК ВАРДАР Скопје
ЖОК ВАРДАР ЖЕНИ 2019 Скопје

Се вчитува...