Олимпијакос го внесува и МЗТ Скопје во АБА1?!

Олимпијакос почна официјални разговори со челниците на АБА-лигата за грчкиот тим од следната сезона да биде дел од ова натпреварување. Од исходот на овие преговори во голема мерка зависи и иднината на МЗТ Скопје, со оглед на најавуте дека влегувањето на Олимпијакос во „екс-ју друштвото“ широко ќе ги отвори вратите и за камбек на македонскиот претставник во АБА1.

Грчкиот гигант е сериозно заинтересиран да игра во АБА наместо во домашното првенство, а идејата станува се поконкретна како што се ближи крајот на оваа натпреварувачка сезона. За нејзина реализација ќе се дискутира на следното Собрание на АБА-лигата, кое ќе се одржи по завршувањето на сезонава. Со оглед на веќе утврдениот систем на натпреварување, единствен начин за вклучување на Олимпијакос е проширување на лигата, од 12 на 14 екипи, а од целата ситуација би профитирал МЗТ.

Македонскиот тим го очекува бараж-серија со Задар за пополнување на последното место од АБА1, но доколку Олимпијакос се приклучи во лигата, тоа речиси сигурно ќе значи и место за поразениот во баражот во елитното друштво. Втора опција е во АБА1 да остане Олимпија, која испадна како последнопласирана сезонава, но челниците на лигата јасно ставија до знаење дека се против таков развој на настаните.

„Имаме децидни правила, кои велат дека тимот што е последен нема никакви шанси да се натпреварува во АБА1 и во наредната сезона, туку се сели во понизок ранг на натпреварување. Свесни сме за интересот на Олимпијакос, но треба да увидиме колку мотивите на грчкиот клуб се искрени и долгорочни, или пак само се должат на моментната криза во нивните односи со Грчката Федерација. Не сакаме АБА да биде користена како мамец во таа битка. Вратата за грчкиот тим не е затворена, допрва ќе се дискутира“ – истакна директорот на АБА-лигата, Крешимир Новосел, затворајќи ја вратата за експресно враќање на Олимпија во елитата.

Јасно е, најдобра опција е МЗТ Скопје преку триумф над Задар да си обезбеди влез во елитното друштво, но како што стојат работите, тоа може да се случи и во случај на пораз во бараж-серијата што ќе стартува на 17 април.

Се вчитува...