Олимпијакос ја прекина серијата на Жалгирис, Фенер подобар од Басконија

Фенербахче славеше на домашен терен над Басконија со 111-96, меч на кој и двете екипи одиграа фантастичен напад, заборавајќи на играта во одбрана. Дуелот беше максимално израмнет во првите три четвртини, за во последниот период турскиот гигант да се одлепи и на крајот да стигне и до убедлива победа. Хејс Дејвис беше најефикасен во победничкиот тим со 19 поени, а одличен меч одигра Калатес стигнувајќи до дабл-дабл од 11 поени и 12 асистенции. Во таборот на Басконија најзабележителни беа Маринковиќ со 18 и Диез со 15 поени, а интересно е што најдобриот стрелец Маркус Хауард вечерва одигра нецели девет минути, постигнувајќи скромни за него 4 поени.

Олимпијакос како гостин славеше со убедливи  76-95 против Жалгирис, станувајќи прв тим што го освоил Каунас откако на чело на литванскиот состав пристигна Тринкиери. „Црвено-белите“ од Атина клучната предност ја направија во третата четвртина што ја добија со 17-28, трасирајќи си го патот до победата.

Плејмејкерот Вокап беше расположен за игра со 22 поени и 6 асистенции, а голема помош дојде и од Мекисик, кој го заврши мечот со 20 поени. Еванс со 18 и Шмитс со 17 поени беа најефикасни во таборот на Жалгирис, кој ја прекина серијата од три евролигашки победи.

Се вчитува...