Олимписко деби за паметење на Лука Дончиќ, Словенците ја понижија Аргентина

Настапот на ОИ дефинитивно е огромен мотив за Лука Дончиќ, кој на своето олимписко деби ја предводеше Словенија до преубедлив триумф над селекцијата на Аргентина (118-100), покажувајќи зошто Словенците се вбројуваат меѓу кандидатите за медал во Токио. Лука беше незапирлив од самиот почеток, ја заврши првата ачетвртина со 17 постигнати поени, на полувреме замина со 32 поени зад своето име, период во кој Словенија веќе ја имаше осигурано победата со убедливото водство од 62-42.

Мечот беше израмнет само до 12-11, по што Дончиќ и соиграчите направија серија од 6-0 и почна да се одлепува резултатски. Првата четвртина заврши со водство од 32-24, позитива што словенечките кошаркари ја зголемија до „плус дваесет“ до крајот на полувремето. Шоуто на Лука Дончиќ продолжи и во второто полувреме, во кое Словенија не им дозволи на „гаучосите“ ниту да помислат на камбек, контролирајќи го резултатот до самиот крај и конечната убедлива победа од 118-100.

Словенечкиот селектор на пет минути до крајот го седна Дончиќ на клупата, но суперѕвездата веќе нанижа 48 поени и 11 скокa, надополнети со пет асистенции. Сепак, поради ова повлекување од игра за Лука остана недостижен олимпискиот рекорд на Бразилецот Шмид, кој реализираше 55 поени на дуелот со Шпанија на ОИ 1988.

Клемен Препелич блесна во последната четвртина и стигна до 22 поени, со само едно промашување од игра (4/5 за тројка). Во таборот на Аргентина најефикасен беше ветеранот Скола со 21 поен, пред Габриел Дек со 17 поени.

Се вчитува...