Опремата „заглави“ на царина, младите фудбалери останаа без тренинг во Шпанија

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година „заглави“ со спортската опрема на царина во Шпанија и од овие причини синоќа не го одржа првиот тренинг во пресрет на мечот со „црвената фурија“. Од ФФМ информираат дека се работи за промена на законска регулатива во земјата домаќин, а проблемот се уште не е разрешен.

„Целата опрема на репрезентацијата е задржана на аеродром од пристигнувањето во Шпанија (тимот пристигна вчера во 16:20) и се уште не е ослободена. Синоќа тренингот на Македонија (беше закажан во 19:30) не е одржан поради таа причина. Од Шпанска федерација одговорот е дека не знаеле за некој нов закон и барање некаква декларација за таков вид на носење / подигнување опрема. ФФМ нема добиено никаков допис дека е потребна дополнителна документација за носење / подигнување на опрема.

Информиран е делегатот на натпреварот и амбасадата на Македонија во Шпанија.

Техничкиот менаџер на фудбалската репрезентација на Македонија синоќа до 23 часот бил присутен на аеродром заедно со економите од репрезентацијата, но не добил информација што всушност е потребно и дали опремата ќе биде ослободена. И покрај инсистирањето на нашите претставници на аеродромот да пристигне претставник и од Шпанска федерација, не дошол никој и по пет часа чекање“, информираат од Фудбалската федерација на Македонија.

Се вчитува...