Организацискиот хаос во Египет го достигна врвот: Мачки на терен, гнасотии, лекарска негрижа – Дали првенството воопшто е регуларно!?

Ракометниот Мундијал во Египет, без сомнение, е најхаотичното големо натпреварување одржано во светот последниве неколку години.

Пандемијата на коронавирусот, секако, направи циркус поради што низ секој ден се повеќе се губи регуларноста на шампионатот. Секојдневно од СП, поради позитивен тест на Ковид-19, од репрезентациите отпаѓаат ракометари, а една селекција, Зеленортските острови, веќе и си замина од шампионатот. А, нема да биде чудно уште некој до крајот на првенството предвреме да го напушти Египет.

Коронавирусот е виша сила, но се друго е хаос…

И, ако коронавирусот е нешто против кое не можете, сите останати одлуки се далеку од разумот. Организаторите и ИХФ воопшто не се потрудиле да ја олеснат ситуацијата за репрезентациите како турнирот би добил колку-толку регуларни услови. Веќе е очигледен факт дека условите за тренинг и безбедносните мерки се тотален дебакл.

Нема никаква можност за лекарски прегледи

Норвежаните и Данците полудеа веднаш по пристигнувањето во Египет кога видоа со што се соочуваат, а реакции имаше и од македонската репрезентација која првиот ден изгуби четири часа пат за тренинг од помалку од еден час.

„Ова е трагикомична пародија. Се овде во Египет делува како една голема шега. Вакви услови се неодржливи. Секој ден е се полошо и полошо. Овде не може да добиете ниту минимални услови за подготовка за натпревар“ – вели Сандер Сагосен, потенцирајќи дека и безбедносните мерки се нула.

Катастрофален е и начинот за тестирање на играчите во балонот каде и воопшто нема, пак, можност за лекарски преглед… Хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ мораше по повредата веднаш да отпатува за Барселона, затоа што во балонот во Египет организаторите не предвиделе соодветна можност за лекарски преглед. Па Циндриќ тежината на повредата мораше да ја утврдува во Барселона. А се работи за 2021 година!

Мачки шетаат на терен на сред натпревари, подлогата се одлепи…

Данскиот репрезентативец Хенрик Молгард истакна дека во хотелот во кој се сместени е како во некој голем шопинг-центар. Ракометарите од првиот ден се следени од некакви специјалци, на мечот Хрватска – Јапонија се одлепи подлогата на теренот, на дуелот меѓу Норвешка и Швајцарија на сред терен се појави мачка.

Гледајќи ги сликите од Египет, гнасотиите, хаосот, условите кои не доликуваат на собир на најдобрите светски ракометари, и сето претходно спомнато, за многумина Светското првенство е апсолутно нерегуларно. А, само прашање е што ли се уште не очекува до крајот на истото!

Се вчитува...