Османи: Шкендија нема да брза со засилувања по секоја цена!

За есенскиот шампион Шкендија најважно пред пролетниот дел од првенството е зачувување на костурот на тимот кој ја имаше најдобрата полусезона во историјата на клубот.

Шефот на стручниот штаб, Ќатип Османи потенцира дека Шкендија воопшто нема да избрзува со било какви засилувања по секоја цена, но ќе се фокусира на тимот кој покажа дека има и квалитет и сила да стигне оваа сезона до шампионската круна.

„Има Шкендија повеќе од квалитетен тим но и докажани индивидуалци, па сигурно нема голема потреба од носење во зимскиот преоден рок фудбалери по сека цена. Секако, не би пропуштиле можност за засилување но само на навистина квалитетно, докажано фудбалско име кое би донело во овој тим вистински квалитет. Овој тим покажа дека има квалитет, имавме одлична есен зад нас и сигурно желбата е да се продолжи во ист стил на патот кон титулата. Затоа во овој момент реалниот фокус е кон темпирање на формата на овој победнички тим“ – вели Османи.

Како што е познато, Шкендија првата фаза од подготовките ќе ја реализира во Охрид, по што потоа се сели во Анталија, Турција.

Се вчитува...