Унаи Симон беше прв голман на Шпанија при походот кон златниот медал на ЕВРО 2024, но одличниот чувар на мрежата мораше да замине на операција веднаш по завршувањето на европскиот шампионат.
Симон влечеше незгодна повреда уште од текот на минатата сезона, реши да настапи повреден на ЕВРО 2024 и не згреши, но ризикот од влошување на повредата беше преголем и тој мораше експресно да замине под нож. Како што јавуваат шпанските медиуми, станувало збор за проблем со лигаментите на зглобот со раката што е саниран со хируршки зафат извршен вчера, но пред Унаи сега е подолга пауза од терените.
Имено, времето за рехабилитација според медицинските лица изнесува најмалку четири месеци, што би значело дека Симон би можел да се врати на голот на Атлетик Билбао најрано кон средината на месец ноември.
Ова значи дека Шпанија ќе мора да се снаоѓа без првиот голман на средбите до крајот на годинава, а тој ќе пропушти и најмалку 14 средби од Ла Лига и најмалку четири во Лигата на Европа на клупски план со Атлетик Билбао.
Платена е скапа цена за настапот со повреда на ЕП, но наградата – европско злато е доказ дека овој овој случај целта ги оправдува средствата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА