Кошарката во 2020 година: Добро е што заврши, нека тргне на подобро во 2021…

Кошаркарската Македонија во 2020 година може да се отслика како линија на графикон со многу подеми и падови, среќни и тажни, весели и разочорувачки моменти. Како најголеми „црнила“ остануваат тажните моменти поради смртта на Буштур, Маки Лазовски, Цевка, Анте Дуковски, трагедии кои дефинитивно ја направија посиромашна нашата кошаркарска сцена.

Новата година започна со една убава глетка во „Борис Трајковски“ каде го очекувавме големото враќање на македонската кошарка. Речиси полна сала и најавен спектакл против селекцијата на Естонија, воедно и еден убав момент за почеток на патот до Европското првенство. Но, наместо славје добиваме „шамар“ и враќање во реалноста за соочување со огромните проблеми во мак-баскетот. Естонија е само показател на тоа дека секогаш треба да целите на подобро, а добрата и напорна работа ќе донесе резултати. Се надевам дека во годините кои следат ќе ја заборавиме 2013 година и по „естонски рецепт“ ќе се вратиме онаму каде што припаѓаме.

За истото да биде возможно потребна е работа со младите играчи кои имаа убава прилика да се покажат на „балонот“ кој требаше да се одигра во Талин. Ако бараме среќа во несреќа, бар можеме да кажеме дека добивме шанса со полн состав да се соочиме со противниците во следниот квалификациски прозорец кој ќе биде одигран во Русија.

За разлика од машката А-селекција, насмевка на лицето може да ни донесе женската репрезентација која бележи голем напредок во својата игра. Добрата работа со репрезентативките донесе и „подобри“ резултати во Рига, меѓутоа за да се надеваме на успеси потребно е да се воспостават и некои стандарди и да се подобри инфраструктурата. Пред Македонките е нов квалификациски прозорец на кој се надеваме дека можеме и да изненадиме.

2020 не би била тоа што е доколку немавме потешкотии и на домашната сцена. Прволигашката драма започна со веќе стандардната војна помеѓу клубовите и федерацијата, која доби и нови размери, а едноставното нешто кое треба да го сфатат кошаркарските работинци е тоа дека сме само два милиона луѓе, и доколку не сме соединети нема да мрднеме подалеку од тоа каде што сме.

Потешкотиите продолжија и со почетокот на домашното првенство за кое мораше, и се уште мора да се изнајде вистинското решение, бидејќи доколку продолжиме со овој систем и ваквото одложување на натпревари лигата нема да ја завршиме ниту до 2022 година. Федерацијата мора да го најде „рецептот“ кој ќе го заштити кошаркарите и тренерите, но ќе овозможи и конечно да се комплетира едно коло. Доколку една Ерменија која нема ниту професионална лига успеа да организира еден „балон“, што можеме да кажеме ние?

За годината да не биде така „црна“ се погрижија младите „штркчиња“, односно МЗТ Скопје 2 кој за прв пат славеше на натпревар против екипите од „елитата“. Тука се и нашите млади интернационалци, Андреј Јакимовски кој блеска во првата сезона во НЦАА лигата, Теодор Симиќ кој има значајна улога во младинскиот тим Барселона, како и Анџелика Митришановиќ која со својот Будуќност е на врвот на женската АБА лига.

Во 2021 година по овие стапки ќе тргнат и други млади кошаркари, а се надеваме дека овој тренд допрва ќе даде ефект.

Се вчитува...