Откако едвај преживеа, Хименез повторно се врати на терен: Повторно се чувствувам како фудбалер, благодарност до лекарите

Фудбалерот на Вулверхемптон, Раул Хименез откри дека лекарите му рекле дека е чудо што минатата година го преживеал испуканиот череп, но и покрај тоа, тој истакна дека секогаш верувал дека ќе се врати на терените.

Хименез се здоби со тешка повреда на главата во ноември 2020 година, кога черепот му пукна по судирот со Давид Луис. Кратко потоа, тој беше опериран, а на почетокот на годината, почна повторно да тренира. Оваа сабота, тој го одигра првиот официјален натпревар, против Лестер на почетокот на Премиер лигата.

„Уште од првиот момент, хирурзите ми кажаа што се случило и на каков ризик сум бил изложен. Ова не се работи што сакате да ги слушнете. Ми рекоа дека е чудо што сум жив и сега сум тука, ја започна приказната мексиканскиот фудбалер. Мојата коска се скрши и имаше крварење во мојот мозок. Поради тоа, операцијата мораше веднаш да се изврши. Лекарите реагираа на вистински начин. Ме поддржаа од почеток. Иако беше потребно подолго време за да заздрави коската“, изјави Раул.

Хименез истакна дека отсекогаш верувал дека ќе се врати на терените.

„Овој немил настан го видов како повреда на глуждот или коленото, верував дека ќе се вратам да го работам она што го сакам. Не ни помислив да престанам да играм. Имаше шанса за тоа, но верував дека ќе се вратам. Сега сум добар. Повторно се чувствувам како играч, по долго отсуство“, заклучи 30-годишниот фудбалер.

Се вчитува...