По „преживувањето“ на зимската “драмолетка“…: „Вардарци“ се насочуваат на тоа што најдобро го знаат – фудбалот!

Откако ја преживеаја вештачката „драмолетка“ со новото веќе видено повторно „заминување“ на Сергеј Самсоненко од клубот, кое служеше единствено за медиумска драма во моменти на суштинско мртвило низ зимскиот преоден рок, сега „вардарци“ повторно може да се насочат на она што најдобро го правеа во есенскиот дел – играта на терен.

Ниту во есенскиот дел црвено-црните фудбалери немаа некоја посебна поддршка од сопственикот и раководството на клубот, па за нив апсолутно не е непознато оставени сами на себе, во свој стил, да си ја продолжат трката за шампионската титула. На изненадување на многумина!

Токму со дуелот на Вардар против Македонија ЃП денеска од 14 часот на националната арена „Тодор Проевски“ стартува пролетниот дел од македонскиот фудбалски шампионат.

„Резултатите од подготвителните натпревар за нас не се премногу важни, но неопходно беше да се темпира формата и подготвки екипата за вистинските предизвици – а тоа е битката за титула во домашното првенство“ – истакна за време на зимските подготовки шефот на стручниот штаб на Вардар, Александар Васоски.

А, „црвено-црните“ денеска ќе ја бркаат првата победа против „лавовите“ сезонава. На првиот натпревар загубија од Македонија ЃП со 0-2, а вториот меѓусебен меч заврши без победник (1-1).

„На Вардар му ја препуштаме фаворитската улога, но ние на овој како и на секој натпревар ќе одиме на победа. Само максимална борба и концентрација ќе ни донесе позитивен резултат“ – порачува од другата страна, голманот на Македонија ЃП, Марко Јовановски.

Вардар пролетниот дел од шампионатот го почнува од првото место, со осум бодови предност пред второпласираната Шкендија.

ПМФЛ – 19. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Скопје: ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП

УТРЕ (14 ч.)

Скопје: ШКУПИ – БОРЕЦ

Струга: СТРУГА ТЛ – РАБОТНИЧКИ

Тетово: РЕНОВА – СИЛЕКС

Струмица: АК. ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА (13 ч.)

Се вчитува...