Откажана потрагата по Сала – нема шанси за преживеани!

Огромна е веројатноста дека телата на Емилијано Сала и на пилотот што управуваше со урнатиот авион никогаш нема да бидат пронајдени, откако британските власти попладнево објавија дека ја прекинуваат потрагата по аргентинскиот фудбалер.

Авионот последен пат беше забележан од страна на контролата за летање на десетина километри северозападно од Гурнси. Во последните два дена се водеше интензивна потрага, но освен пронајдени мали делови од авионот остатокот од леталото остана исчезнат за властите.

„Мојот тим водеше интензивна потрага од моментот на исчезнување на авионот, во петокот навечер. Покривме огромна површина од над 1.700 квадратни милји, користевме најсовремена технологија, но не успеавме да најдеме трага од пилотот или пак од патникот. Потрагата траеше речиси 80 часа, со помош на хеликоптери и бродови за спасување, ги зедовме во предвид сите информации што можевме да ги добиеме, но за жал не успеавме да дојдеме до она што го посакувавме. Затоа, со тешко срце решивме да ја прекинеме потрагата, верувајќи дека не можеме да направиме ништо повеќе од она што веќе го сторивме во овие последни денови. За ваквата одлука ги информиравме и семејствата на исчезнатите“ – се вели во соопштението на Спасувачкиот тим предводен од Дејвид Баркер.

Се вчитува...