Ерик тен Хаг успеа да преживее уште едно фијаско, откако Манчестер Јунајтед загуби уште едно домашно дерби со 0-3, овојпат од екипата на Тотенхем.
„Црвените ѓаволи“ делуваат катастрофално, вината се бара кај тренерот кој потроши над 300 милиони фунти во нови засилувања за две години, но не испорача тим што може да се бори за титулата. Вистинско чудо е ако управата му даде уште една шанса по неделното фијаско, но британските медиуми најавуваат дека Тен Хаг нема уште долго да остане на чело на најтрофејниот англиски фудбалски колектив.
Јунајтед в недела гостува на силниот тим на Астон Вила, по што ќе следи и репрезентативна пауза, а управата решила да го почека овој период за конечно да ја прекине соработката со поранешниот тренер на Ајакс. Во јавноста се шпекулираше со најразлични имиња, од Тухел и Саутгејт до Симоне Инзаги од Интер, но последните информации говорат дека „црвените ѓаволи“ нема да носат нов тренер откако ќе го сменат Тен Хаг.
Улогата на менаџер, барем во прво време ќе му биде доделена на Руд ван Нистелрој, клупската легенда што летово се врати во Манчестер за да биде дел од стручниот штаб на Јунајтед. Ван Нистелрој како тренер на ПСВ Ајндховен имаше добри резултати инситирајќи на офанзивен фудбал, се уште важи за миленик на фановите, па новиот ко-сопственик Ретклиф е подготвен да му даде шанса и како прв тренер на „Олд Трафорд“. Ако Ван Нистелрој не се снајде, дополнително ќе биде именувано ново тренерско име, но се очекува поранешниот голгетер да има околу два месеца за да остави свој печат и да се обиде да се избори за долгорочен договор како менаџер на „црвените ѓаволи“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА