Ова е веќе нереално: Јокиќ се запиша како прв и единствен досега во 75-годишната историја на НБА (ВИДЕО)

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ синоќа постигна 35 поени и стана првиот играч со најмалку 2.000 поени, 1.000 скока и 500 асистенции во една сезона во НБА лигата.

Еден од главните кандидати за нова МВП титула, во триумфот на Денвер над Мемфис од 122-109, запиша 35 поени. Само по себе тоа и не е некоја вест, но и тоа како значи ако се знае дека запиша историја во НБА лигата. Никој пред него во изминатите 75 години од НБА лигата во една сезона не успеал да реализира најмалку 2.000 поени, 1.000 скока и 500 асистенции.

Покрај 35 поени, Јокиќ синоќа имаше и 16 скока и шест асистенции.

Во дербито на Источната конференција Милвоки со 127-121 славеше над Бостон, па го осигура второто место додека Мајами остана лидер.

Јанис Антетукомбо имаше 29 поени со 11 скока кај победниците, а Холидеј дополни со 29 поени, осум скока и осум асистенции. Крис Мидлтон постигна 22 поени, додека кај гостите Маркус Смарт заврши со 29 поени.

Портланд загуби од Њу Орлеанс со 127-94, а Голден стејт беше подобар од очајните ЛА Лејкерс славејќи со 128-112. Клеј Томпсон потсети на најдобрите свои денови со 33 поени. Лејкерс, со неколку ѕвезди како Леброн Џејмс, Расел Вестбрук и Ентони Дејвис, нема да ги гледаме во плеј-офот од НБА лигата затоа што Сан Антонио е недостижен за нив на 10. место од Западната конференција.

Минесота со 127-121 беше подобра од Сан Антонио, благодарение на одличната партија на Ентони Едвардс кој постигна 49 поени, додека Карл Ентони Таунс имаше 21 поен и 13 скока.

Торонто славеше над Филаделфија со 119-114, а Шарлот со 128-101 го победија Орландо.

Се вчитува...